fbpx

Египет- возбудливо патување во земјата на Фараоните

  • Понудата е објавена на 28/01/2019

Египет- возбудливо патување во земјата на Фараоните

Со лет од Скопје
(09.11.2025-16.11.2025)

Од динамичниот Каиро и неверојатните пирамиди до непрегледната пустина и песочните плажи за уживање ... Ова е патување во кое ќе се будиме покрај Црвеното Море и ќе ги откриваме чудата на древниот Египет!

Прв ден: 09.11.2025 (недела)- Скопје-Истанбул-Каиро
Состанок на групата на аеродромот во Скопје во 18.30 часот. Полетување кон Истанбул во 20.35 часот, слетување во 00:15 часот по локално време. Летот за Каиро, главниот град на Египет е во 02.20 часот, пристигнување во 03.35 по локално време. Организиран трансфер со автобус и сместување на групата во хотелот „Helnan Dreamland“ 5* кој се наоѓа во близина на Гиза, во Каиро (https://www.helnan.com/en/Hotel/helnan-dream-giza/?hid=31afc326-2494-4634-be1e-72797eba8a0c&id ).

Втор ден: 10.11.2025 (понеделник)- Каиро
Појадок. Одмор од патувањето и слободно време за користење на базенот и СПА центарот во хотелот. Во попладневните часови ја започнуваме нашата авантура со организиран разглед на стариот дел од Каиро. Престојот во овој град ќе ни овозможи да ја запознаеме една од најстарите цивилизации на планетата; тоа е градот на контрастите - христијански и муслимански, див и питом, со сјај и со беда, градот во кој бучавата и гужвата се константни... Посета на старите коптски православни цркви (Hanging Church, St. George Church, St. Serguis Church и St. Barbara Church), синагогата Бен Езра и познатиот пазар Khan El Khalili. Организиран ручек во локален ресторан во Каиро. Во вечерните часови заминуваме на спектакуларно крстарење со брод по Нил, најдолгата река во светот која до денес е извор на животот во Египет. Двочасовното крстарење вклучува вечера, музика во живо и изведба на традиционални фолклорни танци. Враќање во хотелот. Ноќевање.

Трет ден: 11.11.2025 (вторник)- Каиро-Гиза
Појадок. Заминуваме во посета на најголемата атракција во Египет – големите пирамиди лоцирани на висорамнината Гиза во близина на Каиро. Таму ќе ги видиме пирамидите на фараоните Cheops, Chefren и Mykerinus, познатата Сфинга и храмот во нејзиното подножје. Египетските пирамиди се’ уште се голема мистерија за човештвото; гробниците на фараоните постојано ги граделе 100.000 луѓе и се менувале на секои три месеци. Сите пирамиди биле изградени на западниот брег на Нил. Секоја страна од пирамидите е свртена кон одредена страна од светот и ниту една од нив не фрла сенка на другата, па затоа при нејзиното дизајнирање било потребно добро познавање на математичките константи и нивната примена во геометријата. Најстарата меѓу пирамидите во Гиза е Кеопсовата пирамида. Таа е исто така наречена Голема пирамида и претставувала најголема градба направена било кога од човечки раце. Оваа пирамида е стара над 4.500 години, има скалеста форма и со своите 147 метри во висина во текот на четири милениуми, некогаш ја носела титулата највисока градба во светот. Кеопсовата пирамида има осум страни, а не четири како стандардната пирамидална геометриска форма. Изградена е од 2,3 милиони варовнички блокови и тежи цели 6,2 милиони тони. Нејзината внатрешност се состои од три комори и тунел кој е широк 1 метар и долг 90 метри. Кеопсовата пирамида е изградена за да го чува телото на фараонот Khufu. Втора по големина е Кефреновата пирамида. Висока е 143,5 метри и ја изградил Кеопсоновиот син Кефрен за време на својот живот. На платото Гиза се наоѓа и најголемата статуа на сфинга - Големата Сфинга која претставува митолошко суштество кое има човечка глава и лавовско тело. Изградена е од каменот што останал од изградбата на Кеопсовата пирамида. Со текот на времето, Големата Сфинга претрпела многу оштетувања, но дури и денес оваа статуа е волшебна и се смета за чувар на трите најпознати пирамиди во Египет. Големата Сфинга е позната и како осмото чудо на античкиот свет. По разгледот, организиран ручек во локален ресторан, а потоа посета на познатиот Египетскиот Национален Музеј кој ја содржи најголемата збирка на артефакти – преку 120.000 вклучувајќи ја и фасцинантната колекција предмети од Тутанкамовата гробница. Враќање во хотелот. Вечера. Ноќевање.

Четврти ден: 12.11.2025 (среда)- Каиро-Хургада
Појадок. Се одјавуваме од хотелот и со автобус се упатуваме кон Хургада. По пристигнувањето, сместување на групата во хотелот “Swiss inn Hurghada” 5* на база All Inclusive (https://swissinn.net/hotels/index.php?lang=Hurghada) . Слободно време за плажа, користење на аква паркот, базените и другите содржини што ги нуди хотелот (ручек и вечера во хотелот, како и храна и пијалоци помеѓу оброците). Ноќевање.

Петти ден: 13.11.2025 (четврток)- Хургада
Појадок. Слободно време за плажа и индивидуални активности. После ручекот, заминуваме на организиран разглед на Хургада, најголемиот туристички центар во Египет кој е дом на околу 250.000 жители локално население. Градот се дели на три дела: El Dahar (стариот дел на градот), Sekala (центар) и El Memsa-модерен дел на градот кој како да не припаѓа на приказната за Египет: со ново шеталиште полно со кафулиња и ресторани, со закотвени јахти од целиот свет... Посета на копстка црква и џамија, а потоа слободно време за индивидуални прошетки и за шопинг. Враќање во хотелот за вечера. Ноќевање.

Шести ден: 14.11.2025 (петок)- Хургада-Луксор
Појадок. Заминуваме кон Луксор и организирана посета на храмот Карнак, најголемиот верски комплекс некогаш изграден, простор посветен на богот Амон, чија градба траела повеќе од 2000 години. Поради фактот што тука се наоѓа наоѓаат најголемите антички египетски храмови, во 1979 година местото е вклучено во списокот на светското културно наследство на УНЕСКО. Ќе прошетаме низ Алејата на Сфингите, ќе се восхитуваме на Големата Хипостилна сала со 134 масивни столбови и ќе се запознаеме со џиновскиот обелиск на кралицата Хатшепсут. Потоа ќе го посетиме елегантниот храм Луксор сместен во срцето на градот, чиј посебен шарм е во можноста да се доживее во текот на различни периоди од денот - од утринското сонце до вечерното осветлување. Од таму ќе се упатиме кон западниот брег на Нил, поранешната некропола на древна Теба и домот на мртвите. Ќе ја посетиме познатата Долина на кралевите каде се откриени над 60 гробници, вклучувајќи ја и познатата гробница на Тутанкамон и продолжуваме кон величествениот Храм на кралицата Хатшепсут во Деир ел-Бахари, ремек-дело на античката архитектура врежано во стрмна карпа. Завршуваме со Колосите на Мемнон, две масивни камени статуи на фараонот Аменхотеп III кои датираат од 14 век пред новата ера високи по 18 метри. Со своите пиедестали тежат над 2.000 тони и некогаш го чувале влезот во погребниот храм на Аменхотеп- храмот во Теба, кој бил најголемиот храмски комплекс во Египет кој за жал денес е срушен. Фигурите се направени од кварцит од Каиро и двете се во седечка положба со рацете на колената и со поглед насочен кон реката Нил. Ручек во локален ресторан. Попладнето враќање во хотелот и слободно време за ндивидуални активности. Ноќевање.

Седми ден: 15.11.2025 (сабота)- Хургада-Гифтун
Појадок. За денеска е предвиден еден од најубавите излети во Хургада- посета на островот Гифтун во портокаловиот залив -Orange Bay познат како „Египетскиот Кариби“. Не` очекува пловидба со брод до овој прекрасен остров со кристално чиста тиркизна вода и бели песочни плажи. За време на патувањето ќе направиме паузи за нуркање- љубителите на подводните авантури ќе имаат можност да нуркаат меѓу живописните гребени и разнобојниот морски свет (на бродот има опрема за нуркање и инструктор), а потоа ќе имаме слободно време да уживаме на плажата на овој раскошен рај. Ручек на островот, а во попладневните часови враќање во хотелот. Слободно време за индивидуални активности. Вечера. Ноќевање.

Осми ден: 16.11.2025 (недела)- Хургада-Истанбул-Скопје
Појадок. Одјавување од хотелот и организиран превоз до аеродромот во Хургада. Полетување кон Истанбул во 11.50 часот по локално време, слетување во 15:50 часот. Летот за Скопје е во 20.15 часот, пристигнување во 19.45 по локално време.


Промотивна цена за уплата до 15.07.2025........ 1390 евра (86.180 денари)
ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ.........1490 евра (92.380 денари)
(плаќање во денарска противвредност)

Во цената на аранжманот се вклучени следните услуги:
• Авионски билет Скопје-Истанбул-Каиро со вклучени аеродромски такси
• Авионски билет Хургада-Истанбул-Скопје со вклучени аеродромски такси
• Рачен багаж до 8 кг. и чекиран багаж до 20 кг. по лице
• Сите трансфери вклучени во програмата
• 3 ноќевања во Каиро во хотел со 5* (полн пансион)
• 4 ноќевања во Хургада во хотел со 5* на услуга All Inclusive
• Влезници во објектите кои се посетуваат
• Лиценциран локален туристички водич
• Лиценциран туристички придружник

Во цената не се вклучени следните услуги:
• Патничко осигурување
• Виза за Египет – 25 долари (визата се добива на лице место на аеродромот, пасошот треба да има важност подолго од 6 месеци од денот на пристигнувањето)
• Бакшиш за возачи и водичи (50 долари по лице за целиот аранжман)
• Доплата за еднокреветна соба-390 евра

Напомена: За потврда на резервацијата е неопходна задолжителна уплата од 300 евра (18.600 денари). Целосна доплата на аранжманот до 01.10.2025 година.
Напомена: За реализација на аранжманот потребни се минимум 30 патници

КОНТАКТ

  • 11-ти Октомври бр. 13, 1400 Велес

ОТВОРЕТЕ ЈА НАШАТА
А ОДБЕРЕТЕ ЈА ВАШАТА СТРАНА ЗА ПАТУВАЊЕ !!!

Работно време

Лето 2025

Понеделник - петок 08.30 - 19.00

Сабота 09.00-14.45

Top